Земјоделците можат да користат технологија што ќе им помогне во пласирање на нивните производи. Ваква обука во тетовско Јегуновце добија производителите на овошје, билки и други плодови, кои можат да се сушат преку соларна сушарница за храна.
– Наместо да се грижат за краткиот рок на траење на производите, земјоделците имаат можност да ги стават плодовите во соларна сушара. Потоа сушеното овошје, месо и други плодови може да се продаваат на подолг рок. Наместо традиционалното сушење на сонце, со изложеност на атмосферски влијанија, овошјето и билките можат да се дехидрираат во строго контролирани и хигиенски услови – изјави Војислав Антовски, предавач на обуката за проектот „Експанзија на мали бизниси за користење на соларна сушарница“.
Преку иновации и модернизација на земјоделското проиводство, проектот има цел поттикнување на руралниот развој и економски раст на руралните средини.
– Сушарницата, освен што овозможува надминување на проблемот со трајноста, претставува една значајна можност за земјоделците за достигнување повисока цел односно нов бизнис со производство и пласман на сушени производи кои веќе имаат високи цени на пазарот – рече Антовски.
Дел од проектот беа и средби на повеќе засегнати страни – земјоделци, бизнисмени и невладиниот сектор. Целта е да се поттикне соработка и развој на вакви бизниси.